Хуманоста како мотив и цел
Вовед
Сите ние, иако со наполно различен отпечаток на показалецот, со различни патишта, навики, потреби и сништа, несомнено се совпаѓаме во едно – дел сме од човечкиот род, ние сме луѓе. Меѓу историјата и иднината, ние сме оние кои се сега и тука, кои можат да влијаат на денешницата, свесно, совесно, човечно.
А што друго е денешница ако не условите во кои ни живеат семејствата, пријателите, соседите, познатите и непознатите, сите затекнати во истово време на еден простор, поврзани во долга верига.
Можеме ли да бидеме задоволни од себе, ако не сме задоволни со она што го гледаме или слушаме околу себе? Можеме ли да бидеме комплетно среќни, смееме ли да сме горди, ако сме деловно успешни и само за себе сме создале удопство и благодет, ако сме обезбедиле иднина само за своите деца? Во каква сегашност живееме ако слепо, глуво и бесчуствително минуваме крај туѓите неволји, во каква иднина ќе живеат нашите деца ако им ги предадеме недостатоците на денешницата.
Не треба ништо повеќе од чиста човечна добронамерност, ништо повеќе од едноставна будност на умот и сетилата за да сфатиме дека и со дребното во себе можеме да помогнеме, да придонесеме да исчекорат до подоброто и поубавото.
Волонтерскиот тим на Фондацијата T-Мобиле за Македонија согласно начелата на Т- Мobile за совесно граѓанство, како и согласно личните определби на секој од нас поединечно, е со јасна фокусираност – да помогнеме да се прошири и поврзе кругот на хуманоста во прилог на поубаво денес и посигурно утре.
|